Мајонезот корисен за животните , Израел користи мајонез за спас на желките загрозени од излевањето нафта

0
55

Желките кои биле зафатени со излевањето на нафта на израелскиот брег се спасени со мајонез како лек. Официјални лица од Националниот центар за спасување на морски желки велат дека мајонезот помага во чистење на дигестивниот тракт кај овие влекачи, пренесуваат светски медиуми.

Излевањето на нафта во оваа област претставува една од најлошите еколошки катастрофи забележани во Израел. Официјалните лица ја испитуваат причината за излевањето на нафта, за кое се претпоставува дека е од бродовите на отворено море.

Илјадници доброволци и војници помагале да се отстрани лепливата материја што му штети на животинскиот свет.

Јанив Леви, основач и директор на Националниот центар за спасување на морски желки, за израелскиот весник „Харец“ изјави дека успеале да извлечат 27 желки.

– Секоја имаше катран на главата, очите, носот, устата, дигестивниот систем и стомакот. Го отстранивме катранот од носот и очите за да можат да дишат и да гледаат – објасни Леви, додавајќи дека без терапија желките ќе имаат малку шанси да преживеат.

Првин користеле растително масло, а потоа и мајонез за чистење на катранот на желудникот и цревата.

– Тие пристигнаа покриени со катран а исто така имаа и во душникот. Им дадовме мајонез, за да го исчистат нивниот дигестивен систем и да го отстранат катранот – изјавил медицинскиот асистент Гај Ивги.

Закрепнувањето се очекува да трае околу една или две недели, по што животните ќе бидат вратени во водата. Иако ова звучи како необичен метод на лекување, терапијата со мајонез не се користи за првпат при закрепнување на желки.

– Болницата за желки на Флорида вели дека мајонезот е безбеден и ефикасен начин за чистење на желките од масло – вели Ивги.