Министерот го прозва претседателот: Пендаровски набави нула вакцини

0
24

Се случи и тоа, меѓусебни обвинувања за доцнењето на вакцинацијата против Ковид 19. За едните е срам за државата што илјадници македонски граѓани се вакцинираа во Србија, за други тоа е солидарност.

Министерот за здравство Венко Филипче во гостувањето во емисијата „Клик Плус“ дури и изјави дека претседателот Пендаровски, наместо критики, требало да се вклучи поактивно во набавката на вакцините. Сепак, како што вели Филипче, учинокот на Пендаровски на ова е поле е нула.

„Можам да кажам дека сум разочаран, стварно од изјавата, мислам дека не е соодветна во оваа ситуација кога буквално цел свет води војна за набавка на вакцини и сите ние правиме се што можеме да направиме. Ако претседателот имал можности и навистина имал контакти, еве резултатите се очигледно, дека тој успеал да донесе НУЛА вакцини“, посочи министерот за здравство Венко Филипче.

Ваквата изјава на Филипче доаѓа откако претседателот Пендаровски по состанокот на Советот за безбедност јавно призна дека државата потфрлила во набавката на вакцините за имунизација на населението. Според него, она што се случи викендов со вакцинацијата на македонските граѓани во Србија, е најголемиот срам на нашата држава.

„Верувам дека го пренесувам чувството на огромното мнозинство македонски граѓани кои се незадоволни од она што на тој план го направивме досега. Сликите кои ги гледавме изминатиот викенд во соседна Србија тоа најдобро го илустрира. Такви слики едноставно не смеат да се повторат. Благодарност за Србија, се разбира, но тоа беше срам за државата наша. Едноставно државата мора да најде начин своите граѓани да ги вакцинира и да им пружи здравствена заштита тука“, истакна претседателот на РСМ Стево Пендаровски.

А, додека двајцата се караат, третиот критикува. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вели дека одговорноста за кризата и хаосот е и кај Пендаровски и кај Филипче. За опозицијата ова е само театарска претстава за граѓаните.

„Тоа што граѓани се вакцинираат во Србија е доказ за неспособноста на Пендаровски, Филипче и целата власт која наместо вакцини гледаше како да добие провизии. Наместо да си ја префрлаат одговорноста треба и двајцата да си поднесат оставки. Околу глумата и театарот, намалете малку, проѕирни сте“ реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.

Македонија е една од најлошите земји во регионот на полето на имунизацијата на населението. Србија, Албанија, Хрватска, Словенија вакцинираа илјадници граѓани, додека единствените кои се на ниво на нашата држава се Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора.

тв 21