Најмалку 45 загинати во човечко стампедо на погребот на претседателот на Танзанија (ВИДЕО)

0
23

Стампедото се случило кога илјадници ужалени граѓани се обиделе да се протуркаат на стадионот во Дар Ес Салам за да се збогуваат со нивниот поранешен водач, кој ненадејно починал на 17 март.

“Имаше многу луѓе кои сакаа да влезат на стадионот, а некои беа нетрпеливи. Се обидоа да влезат со сила и имаше стампедо, при што загинаа 45 лица”, изјави за AFP регионалниот полициски командант Лазаро Мамбосаса. Тој додаде дека петмина починати се од исто семејство.

Претходно е соопштено дека на стадионот биле прегазени жена и четири деца.

 

 

Џон Магуфули почина на 61 година. Потпретседателот на земјата рече дека починал од срцеви проблеми во болницата Мзена во Дар ес Салам.

Магуфули, еден од најголемите африкански скептици кога станува збор за коронавирусот, не беше виден во јавноста од 27 февруари, по што започнаа шпекулациите дека тој бил заболен од ковид-19. На 12 март, официјалните лица негираа дека тој е болен и истакнаа дека Магуфули продолжува да работи нормално и дека граѓаните треба да ги игнорираат гласините.

Покојниот претседател ги осудувал мерките против ширење на коронавирусот и вакцината ја нарече заговор од Западот.

На почетокот на пандемијата, Магуфули ги повика граѓаните „да го истераат коронавирусот со молитва“. Тој верувал дека „сатанскиот вирус не може да живее во телото на Исус Христос“ и ги обвини „зголемениот број“ тестови за порастотна бројот на инфекции во земјата.

Во јуни, тој рече дека неговата земја го искоренила коронавирусот со „Божја благодат“ и изразил сомнеж за безбедноста на странските вакцини против ковид-19, без да наведе какви било планови за нивно нарачување.

Поворката со неговото тело поминала низ поголемите танзаниски градови, како Дар ес Салам, Додома и Занзибар, по што на 26 март бил погребан во гроб во селото Чато, на северозапад на земјата.