Откриен цел арсенал оружје при претрес во Чаир

0
19

Приведен е И.А (47) во чиј дом е пронајдено оружјето

Рамка од автоматска пушка со 30 куршуми 7,62×39мм, ловна пушка “Fabran“, пумпарица „SDASS“ кал.12/76мм, полуавтоматска пушка од југословенско производство кал.7,62мм и осум ловни патрони, открила полицијата при претрес во Чаир.

Како што соопштија од МВР, акцијата е спроведена во координација на полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи, Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, СВР Скопје – Одделение за недозволена трговија со оружје и експлозивни материи и Агенцијата за национална безбедност. Притоа од слобода е лишен И.А.(47) од Скопје, по ретходно издадена судска наредба од Основниот кривичен суд Скопје.

И.А. како што соопшти МВР, е приведен и задржан за понатамошно постапување и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена кривична пријава, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“, казниво по член 396 од Кривичниот законик.