Полошки сточари од протест – Или субвенции или стоката ќе ја донесеме пред влада да ја хранат министрите и премиерот

0
23
Преку протест на Автопатот Тетово – Гостивар сточари од полошко го изразија револтот од негрижата на државата за оваа стопанска гранка, за која како што велат не се исплаќаат субвенции од 2018 година. Бараат брзо решение на проблемот, во спротивно како што најавија следува радикализација на протестите 
Сточари од полошко немаат пари да ги прехранат овците и кравите. Залихата од сточната храна им завршила. Се надевале на пасиштата на Шара, но тие деновиве обелеа од снежна покривка.

 

Сега спасот и излезот го гледаат во субвенциите кои како што велат не ги добиваат веќе  три години по ред.

Бараме само тоа што ни следува, тоа се наши пари, велат сточарите кои преку протест на Автопатот Тетово – Гостивар го изразија револтот.

Стоката ни умира од глад, ако за три дена не добиеме позитивен одговор како и исплата на дел од субвенциите, ќе ги радикализираме протестите, а овците и кравите ќе ги донесеме пред владата која знаеме дека има пари да ги нахрани.

Сточарите велат дека само поради субвенциите ја чуваат стоката. Без нив само се во загуба. Ниската откупна цена на грло добиток секоја година го намалува сточниот фонд.

 Сега без субвенции не ни преостанува ништо друго освен да се откажеме од оваа дејност, се пожалија учесниците на протестот.