Последно нарачаните, први ќе стигнат – руските вакцини утре во 14 часот во Македонија

0
40

Нарачани последни – а ќе стигнат први. 3000 вакцини од „Спутник V“, како што веќе беше најавено, утре ќе пристигнат на скопскиот аеродром. Скромната пратка е дел од вкупно 200.000 вакцини за кои земјава склучила договор со рускиот производител.

Административните процедури за регистрација и увозна дозвола финишираат, рече министерот Филипче, по што овие вакцини ќе бидат достапни во вакциналните пунктовите за четири дена. За нив е обезбеден специјален транспорт преку DHL и, за разлика од Фајзеровите, овие вакцини се чуваат на температура до -20 Целзиусови степени.

„Ние ги добивме од руската компанија сите потребни документи да се спреми административната процедура во Агенцијата за лекови, што значи увозна дозвола, и сега во текот на викендот непосредно после доаѓањето и дозволата да, практично, се стави во употреба. Многу веројатно дека во среда ќе започне вакцинацијата а утре треба да пристигне на скопскиот аеродром околу 14 часот.“

За кои граѓани ќе бидат наменети руските вакцини не се знае. Од министерството велат дека планот за прераспределба е во фаза на подготовка па затоа ќе биде обзнаен откако ќе пристигнат вакцините.

„Со вакцините на Спутник кои ќе пристигнат утре, вакцинацијата во здравствените домови ќе продолжи в среда. Промени во планот на вакцинирање или реорганизација на кадарот нема да има бидејќи, практично, кадарот кој вакцинираше во модуларната болница доаѓа токму од установите при Здравствен дом – Скопје.“

Во меѓувреме КОВИД бројките растат но болничките капацитети се под контрола, уверува Филипче. Дали ќе има потреба од нови рестриктивни мерки Комисијата за заразни болести ќе пресече в понеделник. Министерот вели дека не се исклучува можноста за локализирани полициски часови во делови од Скопје, Кавадарци, Прилеп, Неготино и Охрид каде има најбрзорастечки скок на новозаразени – но според него засега не се создадени услови за вакви рестрикции.

„Доколку се одлучи дека тоа може да има некаков ефект, да – во предвид доаѓаат и такви мерки. Но, засега, мислам дека во ниеден град не се исполнети условите да се препорача дека треба да има ограничување на движењето. И затоа ги пратиме сега бројките какви се, на почетокот од следната недела ќе излеземе со став.“

Прашан и за тоа како епидемиолошката состојба ќе влијае врз пописот, Филипче е практично на иста линија како премиерот Заев и директорот на Статистика Симовски и вели дека подготвени се соодветни протоколи кои овозможуваат безбедно спроведување на пописот.

ПРЕЗЕМЕНО ОД КАНАЛ 5