Премиерот Заев се прости од Гаврилов: Ќе се заложам неговиот сон за основање на Фонд за медиумски содржини да стане јаве и да го носи неговото име

0
57

Со огромно неверување ја примив жалната вест за смртта на Горан Гаврилов, основач и сопственик на Радио Канал 77 и порталот Македонски медиа сервис.

Со оваа прерана смрт изгубивме искрен и посветен медиумски работник кој со својата храброст и подготвеност да се соочува со професионалните медиумски предизвици предничеше и постави стандарди за медиумскиот бизнис и за новинарството кои ќе останат запаметени како негови дела.

Со Горан Гаврилов како основач и прв човек на Асоцијацијата на приватни електронски медиуми, јас и Владата, заради неговото познавање на оваа област и заради неговиот ентузијазам, имавме блиска соработка и комуникација за унапредување на условите за работата на медиумите.

Она што лично го знам, од моите разговори со него е дека секогаш беше на страната на новинарите. Имаше развиено и сериозен концепт и предлог иницијатива за основање на „Фонд за медиуми“ за продукција на медиумски содржини од јавен интерес, како механизам за поддршка на професионалните ангажмани на медиумските работници. Лично ќе се заложам неговиот сон да стане јаве и ќе дадам поддршка за основање на Фонд за продукција на медиумски содржини од јавен интерес согласно неговата основна идеја и по примерот на неколку европски земји и ќе иницирам таквиот фонд да го носи името Горан Гаврилов.

Во мое име и во име на Владата, на семејството на Горан и на неговите роднини и пријатели им изразувам искрено сочувство.

Нека е вечен споменот за Горан и за неговите достигнувања. Слава му.

-Фејсбук статус на премиерот Зоран Заев