Се отвора врата Вселенската патријаршија сама да одлучи за статусот на МПЦ!

0
65

Новиот српски патријарх Порфириј го потврди предвидувањето на македонските црковни аналитичари дека ќе продолжи со истите политики кон МПЦ-ОА и дека со неговото устоличување нема да се направи големо поместување во досегашните позиции. Тој во неговото прво интервју по устоличувањето дадено за РТС, се осврна и кон повеќедеценискиот спор со македонската црква, за кој рече: “нема да имам ни помалку ни повеќе разбирање од моите претходници”.

–Нашата црква по Нишкиот договор најде решение за охридски архиепископ да го постави Јован, и сите православни верници имаат можност за учество во литургиски живот, но таа тема останува отворена. Верувам дека нашиот собор секогаш ќе биде спремен да се дојде до решение кое ќе биде во согласност со каноните, без какви било политички притисоци кои уште од самиот почеток на расколот, а и денес за тоа прашање ги има, изјави патријархот Порфириј кој припаѓа на тврдото крило околу епископот Бачки, Иринеј.

Но, она што остава надеж дека нашата црква набрзо ќе си го добие заслужениот статус во православниот свет е потврдата на Порфириј дека СПЦ е на страната на Руската црква во врска со случувањата околу црквата во Украина. Аналитичарот Бранко Ѓорѓевски за весникот ВЕЧЕР коментира дека токму категоричното и недвосмислено ставање на Порфириј на страната на Руската православна црква во контекст на нејзиниот судир со Вселенската патријаршија, на некој начин и оди во прилог на МПЦ. Српскиот патријарх, вели Ѓорѓевски, дури и отворено кажа дека Вселенската патријаршија ги прекршила каноните кога донела одлука во однос на Украинската православна црква.

-Тоа е остар став кон Вселенската патријаршија кој во Цариград сигурно нема да биде добро примен. Очекувано е дека од ова ќе произлезе и дека СПЦ нема да ја прифати претходно дадената покана на ВП за средба на која би требало да се решава за МПЦ. Тогаш, се отвора врата ВП сама да донесе одлука во однос на МПЦ, а што сите тука очекуваме, вели верскиот аналитичар за весникот ВЕЧЕР.

Според него, српскиот патријарх не би требало да заборави дека ВП за одлуката за Украинската православна црква добила поддршка од Грчката црква, од Кипарската архиепископија, од Александриската патријаршија. Тоа значи, појаснува, дека и тие цркви ќе ја слушнат неговата изјава и став дека „каноните се прекршени“.

-Значи ли тоа дека Порфириј и нив ги означил како прекршителите на каноните? Сигурно дека значи и не знам како ќе комуницира со нив. Ваквата негова изјава и став ја позиционира СПЦ во блокот со Руската црква и тоа води кон уште подлабоки поделби. Мислам дека мораше да биде поумерен во тој поглед. Во секој случај, на МПЦ ова и одговара, коментира Ѓорѓевски.

Во интервјуто, на прашањето дали по примерот на украинската може да се очекува автокефалност да добијат и други цркви како македонската или црногорската, новиот српски патријарх одговара дека не е пророк за да каже што ќе се случи, но се надева дека ќе нема слични постапки како во Украина, зашто тие според него, предизвикале големи потреси во односите меѓу помесните цркви и оти тоа ќе биде лекција што ќе ги отрезни сите.

–Сметаме дека постапките на Цариградската патријаршија во однос на Украина, не се во согласност со преданијата на црквата и во таа смисла можеме да кажеме дека сме на страната на Руската црква. Ние сме на страната на поредокот и каноните и тука Руската црква е обесправена, истакна Порфириј во интервјуто за РТС.

Новиот патријарх на СПЦ е 46. патријарх на СПЦ, го наследи патријархот Иринеј, кој почина пред три месеци од компликации на ковид-19. Тој и пред изборот беше во најтесниот круг на фаворити, важи за близок до струјата на Иринеј Бачки, а дел од српските медиуми го посочуваа како епископ кој не ја криел блискоста со актуелната српска влада, особено со претседателот Александар Вучиќ.

ПРЕЗЕМЕНО ОД ВЕЧЕР