С. Македонија на чекор до почетокот на масовната имунизација

0
24

Вакцините се безбедни, што поскоро се вакцинираме, толку побрзо ќе ја победиме пандемијата. Ваква порака испрати денеска од Делчево премиерот Зоран Заев, потврдувајќи ја веста дека в недела во С. Македонија ќе пристигнат 24 илјади вакцини на АстраЗенека преку механизмот Ковакс. Заев очекува граѓаните масовно да ги прифатат вакцините.

„Тоа е првиот чекор кон имунизацијата“, вели премиерот, откако земјата остана речиси последна во регионот, која се уште ја нема започнато масовната имунизација на населението. Досега се вакцинираа здравствените работници, коишто се во првите редови во борбата со Ковид-19.

Според Заев, доцнењето со процесот на вакцинација има и предност, бидејќи на тој начин се виделе предностите и слабостите и може да се констатира кои вакцини се безбедни. „Има една предност што сме земја со задоцнување со вакцините. Земјите членки на ЕУ почнаа пред нас и можевме да согледаме предности и слабости, а од тоа може да извлечеме единствена констатација дека вакцините се здрави, треба да ги користиме сите. Колку час поскоро се вакцинираме сите, толку поскоро ќе ја победиме пандемијата“, вели премиерот.

Први на список за вакцинирање, покрај здравствените работници, се повозрасните луѓе, хронично болните, попишувачите, полицијата, војската и други граѓани. Очекувањата се дека деновиве ќе пристигнат и други количини вакцини по други механизми. Дел од граѓаните, сепак, поитаа да најдат решени во соседството. Се закажуваат термини во Република Србија, каде за викендов веќе се закажани стотици вакцинации на македонски државјани.