Тачи: Изборот на Албин Курти нема да влијае во Македонија

0
18

Мендух Тачи, вечерва во „Клик Плус“ на ТВ21 коментираше и за влијанието на Американците кон Албанците во Македонија. Тој рече дека влијанието постоело, но дека секогаш било во позитивен аспект, и секогаш се одело кон тоа, како што кажа, „Македонија да успее“.

„Влијание на Американците кон Албанците во Македонија секогаш било во позитивен аспект. Немој некој да помисли дека тоа нам ни годи. Во моменти требаше да се кажува не, кога требаше да се преговара, секогаш влијанието беше Македонија да успее, да не влегува во подлабоки етнички конфликти. Во 2001 година беше конфликт, но успеавме да го менаџираме со многу малку последици“, вели Тачи.

Лидерот на ДПА ја коментираше и новата Влада на Косово, која беше избрана вчера на чело со Албин Курти.

„Не верувам дека изборот на Албин Курти ќе има некакво влијание во Македонија. Затоа што политичката реалност на Албанците во Македонија е поинаква од политичката реалност на Албанците во Косово. Мислам дека помина времето кога имаше големо засплашување дека Албанците во одреден момент ќе бидат во една држава. Не. Тој процес е завршен. Командант, или шеф на политичкиот провес на Албанците е НАТО, САД и ЕУ. Сакам да кажам дека ништо нема да зависи за Албанците од Македонија од Рама или Курти или било кој политички лидер“, рече Тачи.