Тројца „Мексиканци“ со транспарент го пречекаа Рашковски на аеродромот во Скопје (ФОТО)

0
21

Биенвенидо сењор Рашко – со ваква порака денеска на скопскиот аеродром му беше организиран дочек на поранешниот генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски кој требаше да се врати од одморот во Мексико.

-За да не му дојде на Драги Рашковски нагло враќањето од Мексико, пречек со порака на шпански јазик, сомбрера и добра музика, напишаа од Унијата на млади сили (УМС) на ВМРО-ДПМНЕ кои беа маскирани со сомбрера, со музика и со транспарент на шпански јазик се појавија на паркингот пред аеродромот.

Рашковски периодов е актуелен по набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци во времето кога тој беше генерален секретар на Владата.

Во меѓувреме, Основното јавно обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и Антикорупциската комисија отворија постапки за случајот. Двете институции ќе проверуваат зошто Рашковски, како генерален секретар, распишал тендер за софтвер за изрекување казни за сообраќајни прекршоци без координација со Министерството за внатрешни работи (како единствено надлежна институција за изрекување казни за сообраќајни прекршоци) и каква е поврзаноста на Рашковски со тендерот, со оглед на тоа што во 2018 година патентирал слична идеја.