Уапсена мајката на детето кое вчера загина во пожар додека беше врзано со синџири, и се заканува затворска казна

0
34

Затворска казна и се заканува на мајката чие момче настрада во пожарот во Гостивар. Полицијата ќе поднесе кривична пријава за повреда на семејни обврски. 7 годишното момче било врзано со ланец на нозете бидејќи според семејството, тоа било агресивно. 35 годишната мајка е приведена и најверојатно ќе биде изведена пред судија за одредување на  евентуална мерка за претпазливост.

Момчето беше пронајдено задушено од пожарникарите кои го гаснеа огнот. Со него освен мајката, живееле трите малолетни сестри и тетката. Институциите кои работат на случајот, открија дека момчето не било ниту заведено во матична книга на родени, ниту посетувало училиште.

– Од разговор со стручни лица утврдено е дека врз останатите деца нема траги од било каков вид на насилство и се во добра психо – физичка состојба. Едно од децата кое е во училишна возраст поседува документ за лична идентификација, а за останатите две деца се прибираат потрребните податоци. Констатирано е дека се во предучилишна возраст.

До пожарот, семејството никогаш не било корисник на социјална помош. Службите немале во својата евиденција било какви пријави дека во ова семејство има родителска негрижа, злоупотреба или несовесно однесување кон децата. Единствено во  центарот за социјални работи во Ресен каде самохраната мајка живеела до пред три години, во евиденцијата стои дека таа не била во брачна заедница и сите деца се вонбрачно родени. Адресата ја променила кога се преселила во Гостивар за како изјавила тогаш, сакала да биде поблиску до таткото на децата, за што поднела писмена изјава за промена на адреса.