Филипче: Лажни вести се дека ја набавуваме Спутник V преку „посредник – српски државјанин“

0
21

Во целост ги демантирам лагите и дезинформациите објавени на неколку медиуми дека Република Северна Македонија преку „посредник – српски државјанин“, ја набавила вакцината против Ковид 19, Спутник В производство на рускиот Центар „Гамалеја“. Станува збор за чиста лага, сподели министерот за здравство, Венко Филипче.

„Набавката на вакцината Спутник В од самиот почеток се одвива во директна комуникација со Рускиот инвестициски фонд во Москва и нема никаков посредник во комуникацијата. Првите 3.000 дози вакцини веднаш пристигнаа откако МЗ го потпиша договорот за набавка на 200.000 вакцини од проиводителот на вакцината Спутник В.

За набавка на вакцини против Ковид 19, без разлика дали станува збор за Спутник В, Синофарм, Астра Зенека или Фајзер, или Ковакс механизмот, нашата држава ја плаќа цената на вакцината понудена од производителот, нема никакви провизии за ниту една набавка на вакцини против Ковид 19. Ваквите лажни вести имаат за цел намерно да го нарушат процесот на набавки на вакцини“, вели тој.

Компанијата Medimpex преку Никола Лакушиќ во Швајцарија ќе ја снабди С.Македонија со вакцини Спутник, објави денеска балканскиот сервис на Ал Џезира.

Лакушиќ, споредмедиумот, понудил договор за застапување, склучен со Рускиот инвестициски фонд и за Ал Џезира изјави дека, покрај Северна Македонија, тој исто така посредува во набавка на вакцини за Алжир, БиХ и Бугарија.

„Се изјаснив преку компанијата Medimpex, која учествуваше на третиот тендер за набавка на вакцини и уредно и законски победи со најдобра понуда, со агенциски договор со важност од шест месеци, до јули годинава“, изјавил Лакушиќ.

Тој ги потврдил условите од договорот, според кои се согласил на сукцесивно плаќање. Парите ќе бидат примени едвај по пристигнувањето на доставените вакцини.