Формиран Граѓанскиот инспекциски совет, јавноста активно се вклучува во заштитата на животната средина

0
17

На Светскиот ден на водата, 22 март, Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) заедно со 26 невладини организации од областа на животната средина, здруженија на граѓани и високо-образовни институции, го промовира Граѓанскиот инспекциски совет (ГИС), кој ќе функционира во рамки на ДИЖС. Целта е преку меѓусебната соработка и размена на искуства и знаења, да се зголеми учеството и влијанието на граѓаните во работењето на Инспекторатот, но и кај другите јавни институции, со цел да се зголеми и подобри надзорот и да се намали загадувањето на животната средина од секој аспект.

„ГИС ќе има влијание врз работењето на ДЖИС и ќе поднесува барања до надлежните ако не се постапува според Законот за животна средина. Договоривме да одржуваме редовни состаноци на кои ќе се информираме за сите активности и случувања и за директно иницирани постапки од страна на надлежните, за што транспаретно ќе ја информираме и јавноста“, изјави Лилјана Поповска од ДОМ.

Според Невена Георгиева од 02 Иницијативата, основната цел на ГИС е граѓаните да помогнат во работењето на институциите во спроведување на законските решенија, а  првичните активности ќе бидат за побрзо донесување на измените на Законот за животна средина, кои се пет години во процедура, ревизија на низа документи кои според инспекциските наоди се неусогласени со Законот, како и редовно известување за спроведувањето на одлуките на терен.

„ДЖИС преку ГИС подава рака и се отвора кон граѓаните за поголема соработка за спроведувањето на мерките и активностите за заштита на животна средина. Нашите активностите се значително зголемени годинава, и од почетокот на 2021 до 12 март спроведени се 407 надзори и издадени се 107 решенија врз база на 94 пријави. Станува збор за пријави за палење оган на стрништа, за диви депонии, отпадни води, сеча на дрва. Треба да се подобри локалниот инспекциски надзор и соработката меѓу општините и ДЖИС да биде на повисоко ниво“, посочи Ана Петровска, директорка на ДИЖС. Таа додаде дека е потребен зголемен број на инспектори за животна средина, посебно во некои општини каде воопшто ги нема, за што е веќе поднесено барање до Министерството за финансии за вработување на 12 инспектори.

ИЗВОР МЕТА.МК