Ќе има и нови мерки ако сегашните не дадат резултат, порачаа Филипче и Караџовски

0
19

Сега не е време за никакво попуштање на рестрикциите. Напротив, би имало дури и затегање на мерките некаде на почеток на следна недела, доколку ова не ги даде очекуваните резултати. Ова денеска на прес-конференција го порачаа министерот за здравство Венко Филипче и претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски во однос на сегашните и евентуално дополнителни рестриктивни мерки.

Тие нагласија дека сме во ситуација кога очекуваме сегашните рестриктивни дополнителни мерки, односно рестрикцијата на движење по 22 часот, да даде уште дополнителни позитивни резултати во контрола на епидемијата и тоа да се случи на крајот на оваа или почеток на следната недела. Состојбата се следи на дневно ниво, и се прави проценка во делот на инциденца, преваленца, хоспитализации и бројот на починати, на болнички кревети и на медицински кадар, како и се она што се случува во епидемиолошка смисла на зборот.

Во однос на тоа дали има анализа што покажува дали полицискиот час од 22 до 5 ќе даде резултати за толку брзо време, со оглед дека сме во фаза на нов силен бран на коронавирусот што многу брзо се шири, Филипче рече дека анализите покажале оти младите луѓе што се групираат по 22 часот се главни пренесувачи на вирусот.

– Во делот на тоа како очекуваме да влијае полицискиот час, епидемиолошките анкети и анализи покажаа дека е многу веројатно оти младите луѓе кои остануваат и се групираат без почитување и по затворање на угостителските објекти се пренесувачи на вирусот и тоа се гледа и преку возрасните групи. Тоа што го детектиравме за време на претходниот бран беше дека по воведувањето одредени мерки во период од две недели беа видливи резултатите, тоа го очекуваме и сега. Ние сега сме во петтата недела и ако претходниот бран траеше шест до осум недели, тоа значи дека сме ја поминале половината и во таа смисла ги очекуваме резултатите на крајот на оваа и почетокот на следната недела, оцени министерот.