Mицкоски не може да ги сокрие пораките на Палмер – САД бараат конструктивна опозиција

0
17

После телефонскиот разговор помеѓу заменик – помошникот државен секретар, Метју Палмер и лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски двете страни издадоа соопштение за јавноста. Наспроти директните пораки на американскиот дипломат, кои сугерираат на конструктивност од страна на ВМРО ДПМНЕ во политичките процеси и нивно вклучување, наместо деструктивно однесување, во преговорите со Бугарија и во успешно спроведување на пописот, како две приоритетни државни прашања, известувањето од ВМРО ДПМНЕ ги премолчува главните пораки кон нив.

Затоа амбасадата на САД во Скопје ќе извести дека од Мицкоски е побарана конструктивност, како и комуникација со останатите во општеството во врска со отворениот спор со Бугарија и во врска со претстојниот попис. Партијата на Мицкоски пак, во соопштението до јавноста известува, но без напомена на пораките кои ги примил од соговорникот, дека станало збор за пописот и за односите со Бугарија, како и за функционирање на правната држава и други политички теми, но нивното соопштение не навестува или не посочува дека од ВМРО ДПМНЕ се бара поинакво однесување од она на кое сме навикнати во изминатите три години.

Тоа во превод би значело дека ВМРО ДПМНЕ ќе мора да ги напушти повиците за бојкот на пописот и дека ќе мора да седне со владини преставници да се договорат како ќе се одвива целиот процес, но освен дека пописот може да се пролонгира за еден месец, за да може попишувачите да се вакцинираат, не може да се очекува дека пописот ќе се одложи на подолго, како што во моментов инсистира опозицијата. Едноставно, повикот на американците може да се толкува како порака до ВМРО ДПМНЕ да почнат во пописот да гледаат статистичка операција, неопходна за иднината на граѓаните и државата, а не да го користат за политичко профитерство, затоа што пописот има сосема друга намена, освен да и служи на опозицијата за политички напади.

Во однос на Бугарија, американците како да очекуваат државничко однесување од ВМРО ДПМНЕ, а не и таа тема да ја користат за политички маркетинг. Најверојатно САД сакаат да видат заеднички пристап на власта и опозицијата кон најважното стратешко прашање, надминување на спорот со Бугарија и старт на преговорите со Европската Унија, нешто кое во значителна мерка би ја подобрило ситуацијата во државата, особено во постковид периодот, од следната година. Може токму и затоа неодамна премиерот Зоран Заев повика да се размислува за идејата за широка владина коалиција, за да може државата побрзо и поефикасно да решава некои од отворените прашања кои се од стратешки интерес и за кои е добро да има консензус.

Најверојатно, за да може процесите да одат напред, а ниту една партија да не ги користи националните прашања во партиската агенда, Заев смета дека можеби одговорноста за државните прашања треба да им припадне на сите политички партии, па така полесно да се приближуваат нивните ставови, во случајов за спорот со Бугарија, а со крајна цел да се најде прифатливо решение со источниот сосед. Останува да се види што ќе донесе лидерската средба, колку Мицкоски е свесен за тежината на американските пораки, и дали конечно ќе сфати дека некои прашања не се погодни за внатрешен политички мегдан, туку се за заедничко настапување на сите политички субјекти, оти со постојаното, неаргументирано и од инает – критикување, без конструктивност во однесувањето, губат граѓаните и државата.

Значи, на лидерската средба не само што ќе мора да се најде излез за блокираниот парламент и многуте закони кои чекаат гласање, а се поврзани со подобар живот на граѓаните, па затоа и се очекува совесно и одговорно постапување и од СДСМ и од ВМРО ДПМНЕ, туку лидерите мора конечно да се договорат и за пописот, и за преговорите со Бугарија, како и за заедничко делување при имунизацијата на населението, ако се има предвид дека половина од граѓание на анкети се изјаснуваат против вакцините, а при тоа ВМРО ДПМНЕ постојано повторува дека се грижи за јавното здравје. Ако е така, тогаш помошта на опозицијата при анаимирање граѓани за вакцинирање ќе биде од значење, исто како што ќе биде од значење конструктивното однесување на кое повикуваат американците, но има ли кој да го сфати сето ова во ВМРО ДПМНЕ?