Арсовски: Од Шилегов за сопругот на Царовска еден милион денари за детекција на болни растенија

​Молкот од страна на Град Скопје за тендерот за дронска детекција на болести кај растенија и вегетација е показател дека се работи за нелогична, несвојствена и ненормална набавка во ова време во Градот Скопје.

Мрзеливиот Шилегов е должен да им објасни на граѓаните како и зошто ќе ги троши нивните пари, односно што ќе работи фирмата на сопругот на Мила Царовска „Флај Кем” и како ќе ги троши тие еден милион денари од Градот Скопје доделени?

Ако се земат предвид условите кои ги нуди фирмата „Флај Кем”, тоа е само дронско летање, а таму има еден вработен во таа фирма, тоа е сопругот на Мила Царовска. Ако се земе предвид мислењето на експертите, не постои дрон што може да детектира болест кај вегетација и растенија. И на крај ако се земе фактичката состојба во предвид, не постои служба ниту пак експерти во Градот Скопје кои би направиле испитување на тие болни растенија, за да има конечен резултат градот од што се болни и како се болни, и како да се третираат. Впрочем за тоа најверојатно се прави овој проект.

Очигледно е, еден милион денари одат на контото на семејството на Мила Царовска, за работа која ќе остане недовршена, односно на крајот од проектот Градот Скопје пак би немал извештај од што се болни и како да се третираат растенијата. Нешто како имплементацијата на проектот за кој што во моментов Драги Рашковски е во притвор, откупен а не е завршен и имплементиран до крај. Истото би се случило и со оваа јавна набавка во Градот Скопје.

Еден милион денари во џебот на сопругот на Царовска за проект кој е класично лудило во време кога скопјани имаат еден милион нерешени проблеми заради неспособноста и мрзеливоста на Петре Шилегов и градската управа.

Како и безброј други тендери и овој е сомнителен за испумпување на парите на граѓаните. Додека Мила Царовска го уништува образованието, нејзиниот сопруг со мрзеливиот Шилегов го уништуваат градот Скопје.

Очекувано е да продолжат и понатака да молчат, од едноставна причина што ова им се последните месеци да распишуваат сулуди тендери за измислени проекти како што е овој за детекција на болести на вегетација со дрон, а потоа кога ќе си заминат, верувајте дека сите оние кои што се огрешиле пред законот и кои што сториле криминал ќе одговараат.

Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ