„Астразенека“ ги отфрли обвинувањата на Европската комисија

Компанијата „Астразенека“ ги отфрли обвинувањата на Европската комисија дека не го почитува договорот за испорака на вакцини, наведувајќи дека оваа правна постапка нема правна основа и најави дека силно ќе се брани пред судот, пренесува „Ројтерс“.

Европската комисија вчера соопшти дека, во име на сите 27 земји-членки на ЕУ, ја тужи компанијата за непочитување на договорите за набавка на вакцини против коронавирус и дека нема кредибилна програма за да обезбеди редовни испораки.

Британско-шведската компанија вети дека ќе вложи најдобри разумни напори да ѝ достави 180 милиони дози вакцини на Европската унија во вториот квартал од вкупно 300 милиони дози закажани за периодот од декември до јуни. Но „Астразенека“ на 12 март објави дека ќе испорача само една третина до крајот на јуни.

Одложувањата во испораката ја забавија вакцинацијата на населението во земјите-членки на ЕУ, бидејќи Евроблокот првично пресметуваше дека оваа вакцина ќе биде клучна во кампањата за имунизација во Унијата во текот на првата половина на оваа година.

По обновувањето на намалувањето на испораките, плановите во рамките на ЕУ се променети, а администрацијата во Брисел сега главно се потпира на вакцината на „Фајзер“ и „Бионтек“.