Бесплатни ПЦР тестови за странските туристи во С. Македонија

Владата сака да го поттикне туризмот во претстојната летна сезона со бесплатни ПЦР тестови за странските туристи. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи денеска соопшти дека мерката предвидува опфат на околу 50 илјади туристи.
„Тоа ќе се направи во соработка со Институт за јавно здравје, Фондот за здравство и Министерство за здравство, затоа што сметаме дека само кредибилни и јавни институции можат да спроведат ПЦР-тестирање на ваков начин и во толку голем обем, како што имаме предвидено“, рече вицепремиерот.

Битиќи и министерот за економија Крешник Бектеши денеска го претставија шестиот пакет мерки за стопанството, вреден 17,8 милиони евра, со кој е предвидена помош за 10 илјади компании и околу 60 илјади вработени. Повеќе од половината од предвидените средства во новиот пакет се наменети за помош на туристичко угостителскиот сектор. Угостителите ќе можат да добијат директна помош од 30 отсто од просечно прикажаните приходи за 2019 година, а дополнително и еднократна помош во износ од 15.200 денари за секој вработен