ВАКЦИНИРАНИТЕ НЕ МОРА ДА НОСАТ МАСКИ НА ОТВОРЕНО: Нови привилегии во САД

Граѓаните во Соединетите Американски Држави кои се целосно вакцинирани, односно ги примиле и двете дози од вакцината против Ковид-19 повеќе не мора да носат заштитни маски на отворено, освен ако се во гужва.

Во информацијата од страна на здравствените власти на САД се наведува дека оние кои ги примиле и двете дози од вакцината се безбедни и не може да се заразат со вирусот ако се на отворено и само во мала група луѓе.

-Ако сте примиле две дози вакцина и сакате да учествувате во мала група луѓе може да бидете без маска. Но, и понатаму се препорачува носење маска на отворено каде што има многу луѓе, како што се полните спортски стадиони и концертните сали , изјави Рошел Валенски, директорката на американскиот Центар за превенција и контрола на болести (ЦДЦ).

Државите каде се одвива масовна вакцинација, веќе донесоа низа одлуки со кои на вакцинираните им се даваат поголеми привилегии за слободно движење. Први тоа го сторија Израел, но и дел од европските земји, а пред вакви одлуки е и Србија каде се размислува да им се овозможи на вакцинираните граѓани присуство на културни и музички настани. Властите сметаат дека на овој начин се стимулираат и останатите да се вакцинираат за што побрзо создавање на колективниот имунитет.