Го лажеле дека ќе добие наследство: Охриѓанец им платил 4 500 евра на измамници

Педесет и тригодишен охриѓанец е измамен преку социјалната мрежа Фејсбук, при што е оштетен за 4 500 евра. Сѐ започнало кога тој добил порака во која му соопштуваат дека е добитник на наследство, а за да го добие му било речено дека треба да стапи во контакт со адвокат од Франција.

Притоа добил информација дека како примател на наследството треба да уплати парични средства за на негова трансакциска сметка да биде префрлено фиктивното наследство.

Охриѓанецот во неколку наврати лично уплатил вкупно 3 730 евра, како и 800 евра што ги уплатил негов пријател. Откако не го добил наследството, сфатил дека е измамен и случајот го пријавил во полиција.

Како што информира портпаролот на СВР-Охрид, Стефан Димоски, случајот е пријавен на 19 април. Полицијата работи на расчистување на случајот.