ДИМИТАР ХРИСТОВ: ЕДНА ИЗБОРНА ЕДИНИЦА – МАНИПУЛАЦИЈА СО ИЗБИРАЧКОТО ТЕЛО ИЛИ РЕАЛНА ШАНСА ЗА МАЛИТЕ ПАРТИИ

0
54

Во последниве неколку години често се споменува воведувањето на една изборна единица на целата територија на државава, наместо постоечките шест што сега ги имаме. Минатата недела, конечно, во собраниска процедура влезе предлог-законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, каде што се предвидува целата територија на Македонија да биде една изборна единица, а за распределба на мандатите да се користи Донтовиот модел.

Но, што всушност ова би значело?

Прво, целата територија на нашата држава ќе се смета за една изборна единица, второ, во тој случај поголеми шанси за освојување на пратенички места би имале поголемите наспроти помалите политички партии, но нив им дава можност самостојно да настапуваат на изборите без да се приклучуваат во предизборна коалиција и да станат „привезок“ на некоја голема партија. Во прилог кон ова е и фактот што неколку од помалите политички партии во нашата држава јавно се изјаснија дека би прифатиле Македонија да биде една изборна единица.

Но каде е тука проблемот?!?!

Малите партии, со право се загрижени за нивниот опстанок и шанса за натпревар во политичкиот спектар и сметаат дека тоа е врзано со изборните единици. Бидејќи постојат тврдења дека пропорционалноста на бројот на партиите преставува двигател на демократијата во Собранието, па и во општеството, морам да кажам дека Донтовиот модел, а не бројот на изборни единици е ПРОБЛЕМОТ кај нас. Проблемот можеме многу лесно да го воочиме доколку минатиот изборен циклус за претставници во Собранието, изборните резултати ги распределиме на начин, таков што, целата територија на Македонија би била една изборна единица. Во тој случај резултатите би биле следни:
Коалиција Можеме (СДСМ и БЕСА) од 46 пратеника со 6 ИЕ, паѓаат на 45 пратеника;
ВМРО – ДПМНЕ од 44 на 43 пратеника;
ДУИ од 15 на 14 пратеника;
АА и Алтернатива од 12 на 11 пратеника;
ЛЕВИЦА од 2 на 5;
ДПА од 1, останува на 1;
ИНТЕГРА од 0, влегува со 1 пратеник.
Според добиените резултати, можеме да видиме дека сликата на распределни пратенички места се менува, но сепак тоа е минимално и воопшто не значително. Поради овој факт, помалите партии НЕ ТРЕБА да бараат воведување на 1 изборна единица, туку менување на формулата за прераспределба на мандати. Кога би ја применувале ХАРЕ КВОТАТА и тоа со 6 изборни единици на последниот изборен циклус тогаш ги имаме следниве резултати:

Коалиција Можеме (СДСМ и БЕСА) од 46 пратеника со 6 ИЕ, паѓаат на 44 пратеника;
ВМРО – ДПМНЕ од 44 на 42 пратеника;
ДУИ од 15 на 14 пратеника;
АА и Алтернатива од 12 на 11 пратеника;
ЛЕВИЦА од 2 на 6;
ДПА од 1 на 2;
ИНТЕРГРА од 0, влегува со 1 пратеник.
Според овие резултати, може да се согледа пад на пратеничките места кај водечките партии за сметка на помалите. Навидум разликата не е голема, но сепак ова може доста сметки да помати при составања на Владина коалиција.

На крај би сакал да додадам, според мое мислење, во моментов идеално би било 120 изборни единици со мнозински модел, каде што во секоја изборна единица ќе се гласа само за еден каднидат, а не за изборни листи, како на пример во Британија. Фактот дека голем број од малите партии се особено популарни во одредени делови од една општина, дава само поттик дека ваквиот изборен модел би можел да вроди со плод за помалите партии. Единствена негативна страна на овој модел би била тешкотијата во формирањето на Влада. Резултатот би бил крајно нестабилна Влада, а ние како држава, ни малку не сме спремни за таков кошмар во политиката.

Пишува: Димитар Христов