ЕУ ја тужи компанијата АстраЗенека

Европската унија (ЕУ) потврди дека ја тужи компанијата АстраЗенека за непочитување на договорот за снабдување со вакцини против ковид 19.

„Европската комисија во петокот, на 23 април покрена судска врз основа на повреда на претходно утврден договор за продажба. Причината за ова е што некои услови од договорот не беа исполнети и компанијата не беше во позиција да претстави сигурна стратегија што ќе обезбеди навремено доставување на потребните дози на вакцини “, потврди портпаролот на ЕК Стефан Керстмакер.

Судската постапка е покрената од Европската комисија во име на институцијата, но и во име на 27-те земји-членки на Европската Унија.

Вакцината на АстраЗенека беше трета одобрена од Европската агенција за лекови (ЕМА) претходно оваа година. Но уште на почетокот, земјите-членки се соочуваа со недоволен број на дози што оваа компанија требаше да ги достави до ЕУ, што пак предизвика одложување на масовната кампања за вакцинација низ цела ЕУ.

Уште во првиот контингент, оваа компанија достави до ЕУ над 60 проценти помалку дози од договорената сума според договорот кој ЕК го склучи во име на сите земји-членки.