Заев му ја честита победата на Рама

Македонскиот премиер Зоран Заев му ја честита победата на албанскиот премиер Еди Рама на парламентарните избори, нарекувајќи го драг пријател. „Му честитам на мојот драг пријател Еди Рама за изборната победа. Северна Македонија и Албанија ќе продолжат уште похрабро напред како сојузници во НАТО и кон евроинтеграциите. Нашиот регион очекува светла иднина преку интензивна соработка“, напиша Заев на Твитер.

Албанскиот премиер Еди Рама претходно ја прогласи „најубавата победа“ на парламентарните избори и рече дека освоил „историски“ трет мандат. Врз основа на избројаните 95 проценти од анкетите, Социјалистичката партија на Еди Рама освои 48,6 проценти од гласовите на изборите во неделата, што е за околу десет проценти подобро од опозицијата собрана околу десноцентристичките демократи. Според проекциите на Централната изборна комисија, Социјалистичката партија ќе има 74 од 140 места во парламентот, односно апсолутно мнозинство, што му овозможува на Еди Рама да биде првиот премиер што ќе освои трет мандат. Шефот на Демократската партија Љуљзим Баша одби да го признае поразот на парламентарните избори. „Овие избори немаа никаква врска со демократијата“, им рече тој на партиските активисти.