Инвеститорот на висококатниците вели: Не градиме бетонски чудовишта, туку еколошки и енергетско ефикасен проект

Инвеститорот на висококатниците кои ќе се градат на парцелата спроти „Холидеј Ин“, компанијата „МГ Фешн“ денеска го презентираше проектот за кој се зборува подолг период откако Уставниот суд го укина Мораториумот за градење во Општина Центар. Според инвеститорот, во трите предвидени згради ќе има 400 станови во кои се очекува да живеат околу 1.200 жители, како и локали и канцеларии.

-Ќе има 1.000 паркинг места, 6.520 метри квадратни ќе бидат зелена површина, а површината на градба ќе биде 13 654 м2. Во ДУП-от пишува дека влезот е од улица 2, а излез ќе има на кејот. Паркингот ќе биде во рамките на градежната парцела, а имаме можност да паркираме и во катната гаража спроти, изјави архитектот Мартин Пановски.

Иако во новиот комплекс планирано е да се вселат нови 1.200 жители, во ДУП-от на Општина Центар не е предвидена изградба на основно училиште или градинка, што според Пановски не претставува проблем бидејќи смета дека во самиот комплекс може да се отвори приватна градинка во секое време.

Прочитајте и… ВИДЕО: Возраста засега единствен приоритет за вакцинација, масовна динамика кога ќе пристигнат кинеските 200.000 дози
Денеска неколку граѓански невладини организации, професори, архитекти, инженери јавно го повикаа премиерот Зоран Заев за поддршка на суспензијата од Општина Центар за Деталниот урбанистички план ЦО8 (паркингот спроти х. „Холидеј Ин“), како и други ДУП-ови коишто не се усогласени со Генералниот урбанистички план.

Инвеститорот и архитектите велат дека не се засегнати од петицијата што се потпишува.

-Во самата петиција се вели „Не за бетонски чудовишта“, а ние ни оддалеку не планираме да изградиме бетонски чудовишта, туку модерен, целосно еколошки и енергетско ефикасен проект, изработен според највисоки еко стандарди и согласно сите законски прописи во земјата. Во ниту еден сегмент од петицијата не се вели стоп за градбата, велат од компанијата.

Се уште не е познато колку ќи чини еден стан или деловен простор во комплексот „Гранд“ спроти Холидеј Ин.

Во јавниот повик на 29 граѓански организации и универзитетски професори, кој е адресиран до премиерот Зоран Заев се вели:

Прочитајте и… Македонците „ладни“ на нон пејперот на Јанша
„Ве повикуваме Вас како премиер, Владата и сите надлежни институции, во најитен можен рок јавно да се произнесете и да покажете суштинска волја за борба против урбанистичкото дивеење и распродавањето на јавниот интерес, односно воспоставувајќи систем на владеење на правото, а во врска со деталните урбанистички планови (ДУП)“.

Тие бараат да се спаси просторот кај „Холидеј ин“ каде што треба да се изградат висококатници, па затоа наведуваат дека нивните барања се Владата да ја поддржи суспензијата од Општина Центар за ревидирање на конкретниот ДУП, но и на сите други планови кои не се усогласени со Генералниот урбанистички план (ГУП), а Министерството за транспорт и врски и Градот Скопје да се произнесат и да се обврзат дека нема да издаваат согласности за ДУП-ови кои не се усогласени со ГУП, со Уставот, како и со законите.

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ во гостувањето во Утрински брифинг рече дека еден од плановите кои беа под мораториум бил и плацот кај Холидеј Ин каде што биле зацртани шеесет катници.

Прочитајте и… Државните секретари во МВР на С Македонија и на Словенија, на средба со Спасовски
-Општина Центар нема да дозволи ништо што е спротивно од пропишаното. Се уште продолжуваме оние сомнежи што се јавуваат да ги расчистиме до крај. Имам средба во ДКСК, треба да предадам одредена документација и јас се надевам дека ќе помогнат ова да се расчисти. Доколку е нешто прекршено да се поведе постапка и некој да одговора за тоа. Во ДКСК вчера разговаравме дека е потребно да ни достават одредени информации за кои ние немаме увид, а беа деновиве отворени во јавноста. Ако не навистина така да видиме кој го направил тоа и да сноси одговорност. Ние тоа го правиме цело време и меѓудругото да доставиме дополнителни предмети, бидејќи имаме доставени кривични и пријави, но не се до крај процесуирани. Многу работи зависат како судските инстанци ќе си ја завршат работата, вели Богдановиќ.