Луксузен хотел во Њу Делхи станува ковид болница само за судии, јавноста бесна

Властите во Њу Делхи наредиле луксузен хотел во тој град да се претвори во здравствена установа за третман на коронавирус, наменет исклучиво за судиите на Високиот суд и нивните семејства, што ги налути граѓаните, кои немаат доволно кревети и кислород.

Локалната власт во јавниот оглас, објавен во понеделникот вечерта, објавила дека примила барање од Високиот суд на Њу Делхи поради наглото зголемување на бројот на заразени вирусот и дека резервирала 100 соби во Ашока Хотел за членови на Високиот суд.

Како што додаваат, водечката градска болница ќе управува со тој објект, пренесува Ројтерс.

Адвокатот и портпарол на најголемата опозициска партија, Хавир Шергил, рече дека одлуката на владата е спротивна на правото на еднаквост, што е утврдено со Уставот на Индија, и го повика судот да одбие да има посебен третман.

Њу Делхи е еден од најтешко погодените градови од корона вирусот за време на вториот бран на пандемијата, бидејќи секое трето лице што е тестирано било позитивно на вирусот.

Болниците одбиваат да примаат пациенти затоа што немаат доволно кревети или кислород, а градот во просек објавува по еден смртен случај на секои четири минути.

Индија е на второ место во светот по бројот на случаи на коронавирус, по САД, со повеќе од 17 милиони заболени.

Досега, во земјава починале 197.894 лица како резултат на оваа инфекција, според податоците на веб-страницата „ Worldometers “.