Предизборно пукање во Албанија: загина активист на партијата на Рама (ВИДЕО)

Едно лице е убиено, а две ранети во пукање во Елбасан, кое албанските медиуми го поврзуваат со обид за купување гласови.

Пукањето се случи само неколку дена пред парламентарните избори во таа земја.

Со огнено оружје е убиен локалниот социјалдемократ Пјерин Џувани, а ранети се неговиот зет и полицаец кој случајно се нашол на местото на престрелката, пренесуваат албанските медиуми.

Полицијата го идентификувала напаѓачот, кој набрзо потоа се предал.

Арбер Пеоплека, кој е поранешен припадник на специјалните единици на албанската полиција и наводно локален функционер на опозициската Демократска партија, кажал дека пукал во самоодбрана.

Полицијата соопшти дека било пукано од два пиштоли.

Наводниот мотив на пресметката е купување гласови пред парламентарните избори кои се одржуваат во недела.

Непосредно пред пукањето, претставници на демократите се жалеле дека низ Елбасан кружат возила без регистарски таблички, од кои на граѓаните им се нудат пари во замена за гласови на изборите.

Албанците во недела ќе гласаат за избор на нов парламент, а анкетите предвидуваат дека меѓу партијата на премиерот Еди Рама и опозицијата предводена од демократите ќе се води тесна борба, пренесува Ројтерс.

Рама, кој во недела ќе се обиде да го освои својот трет мандат, е на власт од 2013 година.