СБ: Следната година економијата во Македонија ќе се врати на ниво како пред пандемија

Иако пандемијата ја втурна Македонија во длабока рецесија, економијата почнува да дава знаци на живот.

Светска банка излезе со охрабрувачки проекции од 3,6% раст на економијата за оваа година, а во 2022 економијата ќе се врати на нивото што го имаше пред коронавирусот. Јавниот долг ќе расте, но нема да надмине повеќе од 65 отсто.

Оттаму препорачуваат Владата да продолжи финансиски да го поддржува стопанството. Потенцираат сите идни активности да бидат навремени и точно насочени кон најпогодените за да нема импликации врз буџетскиот дефицит.

„Растот на јавниот долг ќе продолжи оваа година но побавно од она што беше во минатата година. На краток рок, продолжувањето на поддршката на домаќинствата и фирмите треба да опстои, меѓутоа тоа треба да се прави на понасочен начин бидејќи закрепнувањето веќе е започнато.“вели Сања Маџаревиќ Сујстер, Светска Банка.

На долгорочен план, пак, треба да се работи на фискалната одржливост, зајакнување на човечкиот капитал, градење силни институции и владеење на правото. Но главен приоритет, според Светска банка, во моментов треба да биде забрзување на КОВИД имунизацијата.

„Од клучно значење е темпото на вакцинација низ Европа. Во регионот на Западен Балкан се забрза и продолжи на одржливо ниво. Пристапувајќи кон агресивна вакцинација, правење на сето она што е потребно да се сочува и подобри здравствената состојба на населението, треба да биде најглавниот приоритет на властите,изјави Масимилијано Паолучи, директор на канцеларијата на Светска Банка за Македонија.

За време на пандемијата 140.000 лица ширум Западен Балкан останале без работа а од 165 до 360 илјади луѓе живеат во сиромаштија. Најбрзо економско заздравување има Србија, а најпогодена е Црна Гора.

Извор Канал5