Слепите луѓе во Македонија ќе добијат двојазичен аудиочитач за полесно учење и комуникација

Апликацијата аудиочитач ќе биде достапна на македонски и на албански јазик. Бесплатно ќе може да се симне за два месеца

Во тек е изработка на апликација аудиочитач, која треба да им го олесни пристапот до информации, комуникација и учење на слепите луѓе, но и на сите оние што информациите подобро ги разбираат во аудиоформа. Се работи за софтверска програма која ќе овозможи пишаниот текст да се слуша во аудиоверзија и ќе биде лесно применлива за сите возрасти. Апликацијата ќе има верзија за компјутер и за мобилен телефон, а ќе биде достапна на македонски и на албански јазик. Аудиочитачот се изработува на иницијатива на Министерството за труд и социјална политика, Програмата за развој на Обединетите Нации, а во партнерство со Националниот сојуз на слепи.

„Апликацијата аудиочитач ќе биде лесно разбирлива, а текстот ќе се изразува со природен глас. Ова претставува голем исчекор напред затоа што во моментов слепите и лицата со оштетен вид слушаат роботски глас, кој е несоодветен и не е целосно разбирлив. Аудиочитачот целосно ќе го промени начинот и квалитетот на живот на слепите лица и лицата со оштетен вид, затоа што  ќе има примена во сите области на живеењето. Тој ќе овозможи непречена комуникација, непречено движење, целосно вклучување во општеството“,

кажа министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска на денешната прес-конференција.

Претседателот на Националниот сојуз на слепите луѓе во Македонија, Жарко Селкоски, кажа дека добро е што ќе имаат апликација на мајчин јазик, зашто досега слепите луѓе користеле вакви решенија на други јазици.

„Со ова дигитално помагало ќе бидеме посамостојни и со телефонот и со компјутерот. Може слободно, самостојно да работиме, да праќаме, да пишуваме е-пошта и сѐ она што го работат и сите други лица. Апликацијата ќе ги зголеми шансите и можностите секое слепо лице полесно да се движи, да ги извршува секојдневните домашни работи, да учи, да се социјализира, да најде вработување и да остварува свој приход, а тоа е од непроценливо значење за сите нас. Задоволството и придобивките се огромни“,

рече Селкоски.

Изработката на апликацијата ја поддржа и постојаната претставничка на Програмата за развој на ОН, Нарине Сахакјан.

„Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост потенцира дека лицата со сите видови попречености мора да ги уживаат сите човечки права и фундаментални слободи. Во актуелните услови на глобална криза поради ковид-19, максимата на ОН ‘никој да не биде изоставен’ станува уште порелеватна, посебно кога зборуваме за инклузивни и интегрирани општества. Новиот продукт на слепите лица ќе им овозможи поголема и поефикасна дигитална пристапност, а со тоа ќе се исполнат и условите за независно живеење, слободен пристап до информации, слобода на говор и изразување и комуникација, недискриминација, целосно и ефективно учество и вклученост во општеството“,

кажа Сахакјан.

Првичната верзија на аудиочитачот ќе биде презентирана за два месеца. Аудиочитачот за Андроид мобилните телефони ќе може да се преземе од „Google Play Store“, при што ќе биде интегриран со постојната платформа Talkback, која е инсталирана во секој андроинд-уред.

Извор 360°