Тетовци и натаму без вода, невладините бараат ова прашање да се третира во рамки на Советот за национална безбедност

Невладината организација Еко Герила се обрати до Претседателот на Македонија Стево Пендаровски за проблемот со водоснабдувањето во Тетово.
Оваа организација бара од претседателот прекините со водата во Тетово да се третираат во рамките на Советот за национална безбедност

-Со оглед на честите прекини во водоснабдувањето последните два месеца во Тетово, како и неспособноста на локалните институции и игнорирањето од страна на премиерот да одговори на нашето барање, ви се обраќаме за да влијаете со вашиот авторитет во решавањето на овој проблем.На локацијата Лешница – Шар Планина, поради лизгање на земјата во новоизградената каптажа е оштетена мрежата за водовод. На само 200-300 метри во близина на каптажата се гради една од многуте мали хидроелектрани, кои ја уништуваат животната средина на Шар Планина.Директорот на Државниот инспекторатот за животна средина во месец декември минатата година, предупреди дека Општина Тетово нема утврдено санитарна зона која би го заштитила изворот на водоснабдување на Тетово од можни загадувања, во кои спаѓаат и можни загадувања од градежните активности од изградбата на мали хидроелектрани на Лешница.90-дневниот рок со кој Државниот инспекторат за животна средина го задолжи Општина Тетово за спроведување на одлуката за санитарна заштита не е почитуван. Бараме истрага за целиот процес на тендерирање и изградбата на водоводната мрежа во Лешница, со што ќе се утврди дали имало неправилности.Ве повикуваме овој сериозен проблем кој директно влијае на животот и здравјето на луѓето во време на пандемија, да го третирате во рамките на Советот за национална безбедност за пронаоѓање трајно решение. Поради неспособноста на Општина Тетово да ги изврши работите предвидени со закон, ве замолуваме да го заштитите основното човеково и уставно право за пристап до вода. Земајќи ги предвид регионалните практики за забрана на овие хидро-централи, ве молиме разгледајте ја можноста за слично законско уредување, пишува во писмото на Еко Герила упатено до претседателот Пендаровски.

Инаку премиерот Зоран Заев при посетата на тетовско Теново неделава ги отфрли наводите на инспекторатот и невладините дека хидроцентралите на Шара се можни причини поради кои Тетово се соочува со недостиг од вода за пиење

Тетово како и изминатава зима така и оваа пролет се соочува со проблеми во водоснабдувањето. Рестрикции има по неколку часа во денот во два наврати. Од ЈКП Тетово велат дека состојбата со водоснабдувањето ќе се стабилизира, откако на повисоките места на Шара каде се наоѓаат изворите од кои Тетово се снабдува со вода ќе се покачат температурите. Само на тој начин водата велат оттаму ќе стигне до водоводнот систем.

Од невладините истакнаа дека ваквите образложенија се смешни, затооа што сега имаме температури и над 5 степени и тоа не треба да биде проблем за недостигот од вода за пиење.