ЈКП Тетово – Градот ќе добие вода кога ќе пристигне витинската пролет

Тетовци и натаму се соочуваат со рестрикции во водоснабдувањето, во два наврати по неколку часа во текот на денот. Не се работи за дефекти на водоснабдителните системи како пред повеќе од еден месец, туку едноставно и покрај двата водовода, градот нема доволно количини вода.

Од Јавното комунално претпријатие Тетово, велат дека и од двата водовода како и од бунарите, градот има 290 литри вода во секунда, што не е доволно да ги задоволи потребите на граѓаните. Затоа биле принудени да воведат рестрикции.

-Бевме приморани на ваков чекор затоа што мора да имаме вода во целиот град. Ако не ги воведовме рестрикциите можеби долниот дел од Тетово ќе имаше вода , а горниот дел немаше да има ниту капка вода, мора да балансираме. Сега се вклучени и двата водовода, а со нив имаме 250 литри вода во секунда и дополнително сме ги вkлучиле и бунарите кои носат плус 50 литри вода во секунда. На крајот добиваме 290 литри вода во секунда, што не е доволно да се задоволат потребите на тетовци, вели Љулзим Шаќири раководител на секцијата водовод при ЈКП Тетово.

Кога ќе имаме доволно количини вода, се зависи од времето, вели Шаќири.

-Во изворите има вода, има доволно и снег, но тој да се стопи и количините на вода да пристигнат во градот треба да имаме вистинска пролет, односно температури на повисоките места каде што се изворите над 5 степени.

Такво пред се сончево време ќе придонесе да се стопи дел од снегот и водата од изворите да се симне во градот, тоа е процес вели Шаќири.

Тој се надева дека Тетово нема да има проблеми во водоснабдувањето во летниот период, затоа што на Шара има доволно количини на вода, која сега не се користи целосно поради студеното време. Одложувањето на нормалното водоснабдување во пролетниот период значи поголема количина на вода на лето, додава Шаќири.

Тетово и изминатава зима се соочуваше со недостиг од вода за пиење. Локалната самоуправа образложи дека недостигот на вода е поради неколку дефекти на новиот водовод пред се поради лизгање на земјата, како и неколку помали земјотреси во овој регион.