Алијанса и Алтернатива се откажаа од државјанства на „жими мајка“

0
25

Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива се откажале од барањето државјанство да може да се добие со изјава на тројца сведоци. Ова за Плусинфо го потврди координаторот на пратеничката група на АА-А, Скендер Реџепи.

Ова е резултат на вчерашната средба помеѓу премиерот Зоран Заев и министрите за правда и за внатрешни работи Бојан Маричиќ и Оливер Спасовски со Реџепи. Алијанса и Алтернатива увиделе дека не држи нивното барање граѓани со сведоци да може да се стекнат со македонско државјанство.

– Впечаток е дека премиерот е подготвен сите граѓани кои имаат некаков документ да се стекнат со државјанство. Сепак, не може државјанство да се добие на „жими мајка“, не одат така работите. Ние токму затоа сакавме да седнеме и да разговараме да се смени Законот за државјанства и со аргументи да разговараме точка по точка од Законот и да најдеме компромис – вели Реџепи.

По вчерашната средба и Заев и Реџепи изразија оптимизам дека е можен договор за Законот за државјанства.

– Се согласивме дека таа бројка која е 1.500-1.600 и во матичната евиденција околу 850 луѓе е различна и разграничивме дека граѓаните кои имаат извод е една проблематика и тие кои се стекнуваат со државјанство преку женење е друга и како да настапиме. Верувам дека следните денови интензивно ќе работат службите. На тој начин ќе потврдиме дека сме за трајно решавање граѓаните кои немаат државјанство да добијат а притоа тоа да биде согласно европските и светските конвенции за државјанство – рече Заев по средбата.

Тој повтори дека со сведоци не може да се добие државјанство, бидејќи други сведоци може да го побијат. Реџепи вчера изјави дека верува дека се на добар пат да најдат трајно законско решение за Законот за државјанство.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека нема да прифатат државјанство да се стекнува по пат на сведоштво. Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојаноска за ТВ24 вели дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен по однос на предлог законот за државјанство, посочувајќи дека нема да прифатат предлог закон каде што државјанство ќе се стекнува по пат на сведоштво, односно како што рече, тоа го нема никаде во светот, и дека доколку се седне да се изготви добар предлог закон за државјанство согласно европските регулативи во кои ќе бидат вклучени сите политички партии, тогаш ВМРО-ДПМНЕ ќе ги повлече сите амандмани.

Првиот вицепремиер Артан Груби, пак, на Фејсбук се пофали дека за време на владеењето на ДУИ, со македонско државјанство се стекнале 13.000 Албанци.

„Досега, над 13.000 Албанци граѓани на Северна Македонија добија државјанство, додека вкупно се во постапка само 2.674 апликации, вклучително и сите други заедници“, објави Груби.

Тој истакна дека дури и ако има само едно единствено лице без државјанство кое ги исполнува условите, ќе добие државјанство.

Во измените на Законот за државјанство предложени од Алијанса и Алтернатива, а кој беше отфрлен од партиите од македонскиот политички блок, се предлагаше наместо 8 години престој како услов за државјанство да биде четири години, тројца сведоци да потврдат дека лицето во Македонија живеело и пред независноста, да може и со еден сведок ако тоа е сѐ уште жител на местото на барателот. Наместо да го познава македонскиот јазик да се дефинира како познавање на најмалку еден од службените јазици во државата, се мисли на албанкиот јазик.