Андов: Не е добро Курти да прави партија во Македонија

0
23

Политиката на Косово, под водство на новиот премиер Албин Курти и новата претседателка Вјоса Османи, во односите со Македонија не треба да се менува зашто двете соседни земји досега имаа добри односи и таквиот тренд треба да продолжи, укажуваат аналитичари и поранешни политичари.

Поранешниот претседател на Собранието и познавач на политичките случувања во регионот, Стојан Андов, вели дека Курти внел некои новини кои можат да бидат загрижувачки.

– Ние имаме добри односи со Косово. Курти внесе некои нови работи во политиката, кои може да внесат немир во односите. Ова носи штета двострано. Треба да ги продолжи досегашните односи, кои се негува меѓу двете земји и пред тој да дојде. Треба да се држи на она што било долго време со Косово. Ние многу рано ја признавме независноста на Косово, меѓу првите. Тоа тој треба да го знае. Имаме и договор за границите и други слични потпишани договори. Треба да води сметка и за тоа – вели Андов за „Слободен печат“.

За најавите дека партијата на Курти „Самоопределување“ ќе делува во Македонија, Андов смета дека треба да се откаже од таа намера, бидејќи токму тоа ќе го смени текот на настаните во односите меѓу двете земји.

– Не треба да отвора партија во Македонија. Треба да се воздржи од тоа. Тој се обидува некои работи да прави овде, гледам го прави тоа преку Села, но тоа не му чини – укажува Андов.

Поранешниот министер за правда на Македонија, Џевдет Насуфи, не очекува дека по промената на власта на Косово ќе дојде до промена во надворешната политика во однос на Северна Македонија. Тој сепак додава дека има изјави на косовски политички лидери, кои упатуваат  незадоволство кон лидерите на Албанците во Македонија.