Бајден и Путин би можело да се сретнат во јуни

0
26

Рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Џо Бајден може да се сретнат во јуни, пренесува руската новинска агенција РИА повикувајќи се на извор од Кремљ.

Советникот за надворешна политика Јуриј Ушаков изјави дека конечната одлука за состанокот сè уште не е донесена, пренесува Ројтерс.

„Одлуката ќе ја донесеме врз основа на низа фактори“, рече Ушаков, кој беше амбасадор на Русија во САД од 1998 до 2008 година.

РИА одделно ја пренесува изјавата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој рече дека предлогот за средба на двајцата претседатели е прифатен позитивно и во моментов се разгледува.

На почетокот на овој месец, Бајден го покани Путин на состанок за смирување на тензиите што растат околу Украина. Русија тогаш одговори дека тоа ќе зависи од американското однесување, велејќи му на Вашингтон да се откаже од новите санкции што САД сепак ги воведоа.

Руско-американските односи минатиот месец паднаа на најниско ниво од Студената војна кога Бајден во едно интервју го нарече Путин убиец, по што Москва го отповика својот амбасадор во Вашингтон. САД воведоа санкции во април поради наводното руско мешање на изборите во САД во 2020 година, сајбер нападите, притисокот врз Украина и други активности.