БиХ на нон пејперот на Јанша одговорила со свој

0
44

Словенечкиот „нон-пејпер“ со кој се предлага распарчување на БиХ не е единствениот таков документ што кружи низ Европа, пишува за Дојче Веле поранешниот висок претставник во БиХ, Кристијан Шварц-Шилинг.

Според него, нон-пејперот на словенечкиот премиер Јанез Јанша не е единствениот, туку неколку такви документи за регионот отишле во Брисел – ова се неофицијални документи, направени за тестирање на политички предлози, истакнува Шварц-Шилинг.

Хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман претставил документ потпишан од Словенија, Унгарија, Бугарија, Грција и Кипар во Брисел кон крајот на март, во кој Хрватска главно сака да “помогне на БиХ на нејзиниот пат кон ЕУ“, додаде поранешниот висок претставник во БиХ .

Со овој труд, хрватската владејачка ХДЗ ги поддржува напорите на сестринската партија ХДЗ БиХ за промена на изборниот закон, така што, според Шварц-Шилинг, на прв поглед не се признава дека промените во законот ќе го отворат патот за создавање на трет субјект во БиХ.

Тој рече дека членот на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ – босански Хрват, кого ХДЗ не го прифаќа во БиХ и Хрватска, испрати свој документ како одговор на почетокот на април, посочувајќи на „нејасната политика на ЕУ, врз која има силно влијание Хрватска и тамошната владејачка партија ХДЗ, како и недостатокот на неутралност на делегацијата на Европската унија во БиХ “.

Шварц-Шилинг посочува дека Комшиќ во тој нон-пејпер го посочил наводното мешање на Србија и Хрватска во внатрешните работи на БиХ, како и притисокот на Русија поради аспирациите на БиХ за влез во НАТО.

За нон-пејперот на Јанша, Шилинг тврди дека предвидува продолжување на националистичката политика на Србија и на хрватската ХДЗ кон БиХ и нагласува дека, според некои информации, дел од документот бил напишан дури и во Будимпешта, но во Брисел тој се нарекува „словенечки“.

Во текстот Шварц Шилинг не коментира за делот од нон-пејперот што се однесува на предлогот за припојување на Косово кон Албанија, но тврди дека е јасно дека идеите од крајот на осумдесеттите години што ги искажале Слободан Милошевиќ и Фрањо Туѓман и денес се живи.