Вархеји идната недела во посета на Балканот, стигнуваат и вакцините од ЕУ

0
18
Hearing of Oliver VÁRHELYI , Commissioner-designate, Neigbourhood and Enlargement - Arrival - Opening statement - Q&A session

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји соопшти дека идната недела ќе го посети Западен Балкан, а дека посетата ќе следува откога ќе почнат да стигнуваат првите вакцини против Ковид19 финансирани од ЕУ наменети за балканските земји. Тој ова го објави денеска на својот официјален профил на социјалната мрежа Твитер.

Европската унија неодамна постигна договор со компанија Фајзер за регионот од мај до август да добие 651.000 дози вакцина против коронавирусот. Според најавите Босна и Херцеговина ќе добие најголем дел од вакцините – 240.000 дози, следна од Албанија 145.000, Северна Македонија 119.000, Косово 95.000, Црна Гора 42.000, а Србија ќе добие 36.000 дози.

Како што дознава РСЕ од извори во Европската комисија Вархеји ќе ја почне посетата во Србија во понеделник на трети мај, а во вторник на четврти мај, ќе ги посети Црна Гора, Северна Македонија и Босна и Херцеговина. Посетата на регионот ќе ја заврши на петти мај во Албанија и Косово.

Европската комисија во декември усвои пакет од 70 милиони евра за помош на земјите од Западен Балкан во пристапот до вакцините против Ковид19.