Вархеји по средбата со Пендаровски повика на решение меѓу Македонија и Бугарија

0
14

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, кој се сретна утрово со македонскиот претседател Стево Пендаровски, се огласи кусо преку Твитер по состанокот.

Ја истакнав поддршката за официално отворање на преговорите за членство и потребата Советот на ЕУ да се согласи за преговарачката рамка. Важно е Македонија и Бугарија да изнајдат заеднички прифатливо решение, напиша Вархеји на Твитер по средбата со Пендаровски.

Претседателот на Македонија престојува во дводневна посета на Брисел каде што ќе има средби во ЕУ и во НАТО.

Тој денеска се сретна со Вархеји како и со специјалниот претставник на ЕУ за западен Балкан, Мирослав Лајчак и со шефот на ЕУ дипломатијата. Јосеп Борел.

За попладне се предвидени средби со претседателот на Европскиот Парламент, Давид Сасоли и со Европскиот Совет, Шарл Мишел.