ВМРО ќе тужи за „скафандер-седницата“, Талат тврди – сè било по протокол

0
20

ВМРО-ДПМНЕ ќе ги тужи пратениците со Ковид-19 кои влегоа во Собранието со скафандери, но и сите други одговорни лица. Координаторот на опозициската пратеничка група, Никола Мицевски, изјави дека власта организирала пристигнување на заразени пратеници во Собранието, ги прекршила членовите 205 и 206 од Кривичниот законик. Тој рече дека одговорност мора да има, во спротивно, овие пратеници се ставаат над законот.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, тврди дека не дејствувал на своја рака, туку ги консултирал сите институции. Вели дека заразените пратеници ги донел во Собранието според протокол што службите на Собранието го подготвиле пред изборите во јули, а тој бил одобрен од Комисијата за заразни болести.

„Претставникот на Парламентот, заменик-секретарот Мики Милкоски и Бојан, службеник во кабинетот на генералниот секретар, сега заменик-генерален секретар, го презентираа протоколот пред соодветната комисија и како резултат на тоа со соодветни предлози на комисијата се верификуваше конечниот протокол за работа на Парламентот. Во првата координација тој протокол беше дистрибуиран и до координаторите за да знаат по какви правила ќе работи Парламентот во време на пандемија.“

Од СДСМ велат дека граѓаните победиле, а загубиле деструктивните политики на опозицијата. Пратеничката Снежана Калеска Ванчева, ја обвини опозицијата дека и денеска продолжила да ги блокира Собранието и помошта од петтиот пакет откако пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, прво закажал Комисија за финансирање и буџет, а потоа ја откажал.

Одложувањето на седницата на Комисијата за финансирање и буџет од страна на ВМРО-ДПМНЕ беше оправдано со фактот дека претседателот на Комисијата Тимчо Муцунски бил дел од составот на правници кои ја подготвуваат најавената тужба.