Вучиќ се вакцинираше, во Белград ревакцинирани 25 отсто полнолетни жители

0
16

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска ја посети Рудна глава, каде беше вакциниран со Синофарм вакцината против коронавирус.

Вучиќ вакцината ја прими во Здравствената станица Рудна глава на Здравствениот дом Мајданпек.

Заклучно со вчера во Белград вакцинирани се 472.572 или 33,57 отсто полнолетни граѓани, јави дописникот на МИА од Белград.

-Бројот на ревакцинирани е 340.760, односно 24,2 отсто полнолетни граѓани. Врз основа на бројот на закажани ревакцинации, знаеме дека денес во Белград бројот на ревакцинирани ќе надмине 25 отсто, односно дека секој четврти Белграѓанин и Белграѓанка ќе бидат ревакцинирани, напиша заменик-градоначалникот на Белград, Горан Весиќ на својот Фејсбук профил.

Од почетокот на масовната имунизација, во Белград се дадени 813.332 дози вакцини за вакцинација и ревакцинација, соопшти градскиот секретаријат за информации.

Павле Зелиќ од Агенцијата за лекови и медицински помагала на Србија изјави дека досега во Србија се регистрирани 736 несакани ефекти на сите вакцини против коронавирусот.

-Вакцината е ефикасна, безбедна и можеме да видиме излез, изјави Зелиќ за РТС и посочи дека меѓу починатите нема лица кои биле двапати вакцинирани.

Кога станува збор за несаканите ефекти врз вакцините, Зелиќ изјави дека до понеделник напладне се регистрирани вкупно 736 несакани ефекти на сите вакцини, претежно на „Синофарм“ – 263.

Тој изјави дека имало вкупно пет сериозни реакции, но дека ниту една не барала подолга хоспитализација.

Вицепремиер на српската Владата и министер за образование, наука и технолошки развој Бранко Ружиќ денеска апелираше до студентите да се воздржат од масовни собири и прослави и да ги почитуваат мерките на државата затоа што тие се единствената можност да се изборат со ковид 19 и враќање кон нормалниот живот.

Како што соопштија од кабинетот на преседателот Александар Вучиќ тој денес во Рудна Глава ќе се вакцинира.