Голема полициска акција во Црна Гора, уапсен шефот на мафијашкиот кавачки клан (ВИДЕО)

0
55

Црногорската полиција објави дека во Котор синоќа се уапсени повеќе лица, а меѓу нив наводно и шефот на кавачкиот криминален клан Слободан Кашќелан, неговиот телохранител Владимир Вичковиќ и Милош Радоњиќ и Крсто Марош.
Српските медиуми пред неколку месеци објавија дека кавачкиот клан во последните неколку години ја презема главната улога во црногорското, но и во српското подземје.

Покрај нив, инспекторите на секторот за борба против криминалот уапсиле уште три лица, а се трага по уште неколку члена и организатори на криминалната група, јавува Вијести.

Кашќелан е осомничен дека ја организирал криминалната група која извршила и планирала повеќе тешки кривични дела, за кои е одредена казна и до 40 години затвор.

Полицијата утринава соопшти дека презема плански активности насочени против криминалните групи.

„Уапсени се повеќе лица. Активностите се во тек“, објавено е на нивниот твитер профил, на кој е постирана снимка од акцијата.

Како што пишуваа медиумите претходно, „кавачкиот клан“, заедно со „шкаљарскиот клан“, се едни од најопасните во регионот, а се бават со превоз и трговија на кокаин од Јужна Америка во Европа. Тие два клана, двата од предградијата на Котор Кавач и Шкаљари, по ги добиле имињата, се во брутална војна од 2015, која почна по кражбата на 200 килограми кокаин во Шпанија, а во неа настрадаа околу 50 припадници на двата клана. Во бруталните ликвидации на платени убијци, во кои се користени снајпери, пиштоли, автомобилски бомби, настрадаа најмалку три случајни жртви.

Приходите од трговијата со дрога на тие две криминални групи се бројат во стотици милиони евра.