Двете најголеми партии и денеска се препукуваат за случаите со дрогата и пасошите

0
22

Аферата „картел Заеви” сѐ повеќе зема замав, а власта во паника се обидува да го заташка целиот случај, додека роднината Трајче Заев за еден медиум испраќа деманти, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски според кого МВР не може да се справи со криминал и е во негова заштита, бидејќи „сите знаат дека не може и не смее никој да работи со дрога во државава ако нема амин од Заеви или пак ако не води директно нивна операција која што тие самите ја спроведуваат за шверц на наркотици”.

„Трајче Заев од Дубаи демантирал дека Ушилковски не бил вработен во ниту една од фирмите. Наместо ова, Трајче Заев треба да каже дали Ушилковски е негов возач или не? Сите видоа фотографија како беше паркиран Ушилковски со луксузниот Мајбах во центарот на Скопје, на Рекорд додека го чекаше Трајче Заев да испазари. Целиот сообраќај беше запрен заради овие двајца, тоа не е фотомонтажа”, рече Арсовски и заклучи дека во демантот лаже Трајче Заев.

Прашањето не е дали комбето со фатената дрога било во сопственост на Заеви, туку дали е во сопственост на фирма која е во партнерски односи со фирми на Трајче и Бобан Заеви и тоа треба да го одговори Трајче Заев, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ. Тој нагласи дека не е даден одговор и на прашањето за поврзаноста на неговата фирма “Медикал 420 БГ” основана во Петрич каде што сопственици се Трајче и Бобан Заеви и поврзаноста со фирмата “Медикал 420” од Битола од каде што потекнувала дрогата.

Арсовски повтори дека има упасени лица и дека дрогата потекнува од фирма каде што фалат 10.000 стебла и над 200 кг марихуана и нагласи дека се сомневаат дека “Медикал 420″ е поврзана со некоја од фирмите на Заеви на било каков начин

„Нарко картелот Заеви мора да биде разбиен и да заврши во затвор”, нагласи портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

Миле Талевски, пратеник на СДСМ на прес-конференција возврати дека токму ВМРО-ДПМНЕ се обидува да го заштити кримналот. Пратеникот нагласи дека заплената на огромна количина дрога и акцијата на МВР за разбивање на организирана група која незаконски издавала патни исправи се доказ за бескомпромисната борба против организираниот криминал и корупцијата.

„Овие две значајни акции каде се уапсени и вработени во МВР се потврда за професионалниот, ефикасен и неселективен пристап на полицијата во спречувањето незаконско дејствување.

Наместо како целата јавност да го поздрави постапувањето на полицијата, од ВМРО-ДПМНЕ повторно видовме обиди за одбрана на криминалот и криминалците.

Додека траеше сложена полициска операција ‘Двојник’ ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски се обидоа да ја саботираат акцијата преку пласирање на информации во јавноста додека таа се уште траеше.

Талевски рече дека откако не им успеа обидот за саботажа, од „белиот дворец” продолжило ширењето на лажни вести и дезинформации за акцијата со што свесно и неодговорно била загрозена натамошната истрага.

„ВМРО-ДПМННЕ и Мицкоски идентично се однесуваа и за акцијата во соработка со нашиот партнер САД и нивната ДЕА, каде беше запленета голем количина марихуана. Повторно лажни вести, повторно конструкции и повторно неосновани напади кон МВР и полицијата. Очигледно е дека за ВМРО-ДПМНЕ е неприфатливо тоа што законите денес важат за сите подеднакво, тоа што денес никој не е над правдата и секој одговара за сторените криминали. Тоа, не беше случај во времето на режимот на ВМРО-ДПМНЕ. Јавноста памети како во 2014 година, ВМРО-ДПМНЕ и тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска ја заташкаа аферата во која пасоши се печатеа во приватни домови“, рече Талевски.

Според него, јхавноста многу добро памети и како синот на Трајко Вељановски беше ослободен откако беше фатен со дрога на границата со Грција.

„Денес, вакви скандали се незамисливи, напротив, денес се постапува против секое прекршување на законите, без разлика кој се е вмешан”, рече пратеникот на СДСМ.