Еден информатичар заработува колку двајца рудари или тројца наставници

0
19

Компјутерското програмирање и консултантски услуги повторно се најдоа на врвот на листата на највисоки просечни плати исплатени во февруари годинава

Фирмите од областа на компјутерско програмирање, и консултантски услуги, фармацевтската индустрија, компаниите од областа на телекомуникациите и вработените во воздухопловниот транспорт имаат највисоки просечни плати во Северна Македонија, кои се движат од 40 до над 70 илјади денари. Најплатени и на почетокот на оваа година се информатичарите.

Компјутерското програмирање и консултантски услуги повторно се најдоа на врвот на листата на највисоки просечни плати исплатени во февруари годинава, која што ја објави Државниот завод за статистика. Порастот на платите во неколку области ја крена и просечната нето плата во земјата. Според Државниот завод за статистика, просечната плата во февруари изнесува 27.948 денари и бележи раст од 2,7 проценти споредено со истиот период минатата година. Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Информации и комуникации (10.1 %), Други услужни дејности (8.2 %) и Рударство и вадење на камен (7.5 %).

Покрај информатичарите, со подобри просечни плати од 55.895 денари на листата се најдоа вработените од стручни научни и технички дејности, фармацевтите – со просечна плата од 46.720 денари, вработените во воздухопловниот транспорт каде просечните месечни приходи на вработените се 43.372 денари, потоа вработените во компании за снабдување со електрична енергија и гас, каде просечната плата е 41.443 денари, а малку повисока просечна плата земаат и вработените во телекомуникациите – 41.742 денари. Во областа на информациите и комуникациите, пак, просечните плати се 53.104 денари.