ЗАЕВ СО ОСТРА ПОРАКА ДО ПАУНОВСКИ: Тој е доста гласен, одлуките за рамковно вработените треба да се спроведат

0
18

Откако директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, преку Фактор порача дека по ниедна цена нема да го потпише решението за примање на 35 „рамковно вработени“, бидејќи не се соодветни за неговата институција, премиерот Зоран Заев упати порака дека директорите не треба да правцат опструкции.

„Сакам да истакнам порака до сите оние директори што прават отпор, да не прават отпор. Зошто имаат потреба реално, а тоа се наши граѓани и секој ја има шанса чесно да ја работи својата работа односно да работи. Ако не му се работи дали тие што ги преземаат сега или се досега вработени да им се заблагодариме да си одат дома. Така да испраќам порака пред се до директорот на Државниот пазарен инспекторат којшто е доста гласен, треба да ги спроведеме одлуките или да кажеме зошто не се спроведуваат, а не да водиме, така да кажам, јавна војна преку медиумите едни со други. Тоа не ни треба, зошто ова е нешто што народот го очекува од нас“, рече денеска премиерот Заев.

Тој очекува во наредниот период, за 15-20 дена да се најде решение за преостанатите 350 вработени во јавната администрација кои со години не одат на работа, а земаат плата. Таа обврска му е доделена на потпретседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, кој како што рече Заев „си го зема гајлето“ за ова прашање.

„Околу 750 веќе се распоредени, а околу 350-60 остануваат да се дораспределат заради правни формалности: постапка за засновање на работен однос, префрлување на соодветните финансии од една институција во друга. Верувам дека сите институции ќе ја спроведат“, рече Заев.