Заев утре ќе се сретне со инспекторите од ДПИ: Засега останува на ставот за разрешување на Пауновски

0
23

Заев уште еднаш испрати порака дека Пауновски е негов добар пријател, но нема да дозволи инаетење со претпоставените

Премиерот Зоран Заев останува на ставот дека директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Стојко Пауновски, треба да се разреши поради непочитување на законот кој се однесува на распределбата на рамковно вработените и поради повреда на етичкиот кодекс. Разрешувањето ќе биде на дневен ред на утрешната седница на Владата, а Заев најави дека ќе остане на истиот став.

„Утре на самата седница на Владата ќе го потврдам тоа што веќе го соопштив во јавноста. Овде се работи за почитување на закон, има донесено закон во декември 2020 година и согласно законот сите имале обврска да ја променат систематизацијата. Голем дел од институциите се обратиле поради невозможноста да се вклопат дел од распределените луѓе заради несоодветните профили, еден дел се обратиле затоа што не биле опфатени, еден дел од распределените не ни прифатија да одат и си дадоа оставка. Дефинитивно, прво се работи за почитување на законот, а потоа и за етичкиот кодекс“,

изјави Заев.

Пред седницата, тој ќе има средба и со инспекторите од ДПИ, кои собираа потписи за петиција против разрешувањето на Пауновски. Иако според денешните изјави Заев изгледа убеден во ставот за разрешување, сепак, остава простор инспекторите да му го променат мислењето.

„Секако дека постои отворена можност, затоа и сум закажал состанок со инспекторите. Да ги слушам и нивните аргументи. Чуму сум закажал состанок ако сум убеден во ставот што го соопштив во јавноста. Јасно ги знам прописите, правилата, етичкото поставување, јасно знам каде оваа влада сака да стигне во својата поставеност служејќи за добробит на граѓаните или слично, но секако ниту се сметаме за најпаметни и најинформирани ниту покажуваме каква било сила или моќ. Сакаме да се почитуваат законот за распределба, Законот за Влада, за хиерархиската поставеност на институциите и на крајот, не помалку важно, етичкиот однос на сите кон самите претпоставени, спрема граѓаните и спрема другите институции“,

вели Заев.

Заев уште еднаш испрати порака дека Пауновски е негов добар пријател, но нема да дозволи инаетење со претпоставените.

„Сакам да ве уверам дека одлуката ќе биде согласно правните прописи, нема да си дозволиме ништо поинаку освен постапување по правните прописи. Уште еднаш кажувам дека се работи за добар јавен службеник, мој добар пријател, нема да дозволам инаетење со претпоставени, неспроведување на законите и нема да дозволам апсолутно неовозможување на нормално поставување на целиот владин систем во оваа значајна постапка која е децениско прашање кое тлее во јавноста“,

изјави Заев.

Зборувајќи на тема Пауновски, Заев повтори дека тој добил три дописи за неговото непостапување, а му било укажува и усно, додека од страна на директорот не била побарана средба и не бил даден предлог за решавање на проблемот.

Исто така, премиерот го прочита и владиното соопштение од саботата во кое се наведува дека директорот на ДПИ не постапил согласно Законот за преземање на рамковно вработените донесен во декември 2020 и не ја променил систематизацијата.

Извор 360°