Зголемена потрошувачката на природен гас, најголем потрошувач ТЕ-ТО

0
21

За 12,5 проценти е зголемена потрошувачката на природен гас во 2020 година. Потрошени се 338 милиони нормални метри кубни гас што е првпат откако се користи овој еколошки енергенс во земјава.

Анализите на Регулаторната комисија за енергетика покажуваат дека и понатаму доминантен потрошувач на природен гас е гасната електрана ТЕ-ТО со 68 проценти од вкупната годишна потрошувачка на државно ниво. Втор на листата е Балкан Енерџи по што следуваат Макстил и ЕСМ Подружница Енергетика.

Зголемена потрошувачка за 43 проценти е забележана кај индустријата, а намалена е потрошувачката на природен гас за 11 проценти кај металната индустрија и за 16 проценти кај технолошко-индустриските развојни зони. Зголемена потрошувачка има и кај болниците кои се приклучени на мрежата на природен гас и тоа за осум проценти, а стабилна останува потрошувачката и кај јавните институции и прехранбената индустрија.

Според претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски, радува фактот што се зголемува бројот на домаќинства кои се приклучуваат кон користењето на овој енергенс. Во 2020 година, според анализите на РЕК, имало 53 нови приклучоци на домаќинства за разлика од 2019 година кога имало само 14 вакви приклучоци. Најмногу приклучоци имало во Струмица, а помалку во Куманово.

Јавното претпријатие „Струмица гас“ минатата година испорачала 709 илјади нормални метри кубни гас што е за пет проценти повеќе во споредба со 2019 година, а јавното претпријатие „Куманово гас“ речиси 541 илјада нормални метри кубни гас.

Од 1 јануари годинава во сила е и одлуката на Регулаторната комисија за енергетика со која е намалена тарифата за пренос на природен гас во просек за 6,16 проценти.