Инфективното одделение во Штип се наполни за два дена, 54 лица зависни од кислород

0
14

Во штипскиот ковид-центар има слободни места за седум пациенти. Во модуларната болница се хоспитализирани 42, а на Инфективното одделение 53 пациенти. Секојдневно расте бројот на тешки пациенти, на кои им е потребна постојана кислородна поддршка. Во овој центар денеска зависни од кислород се 54 лица.

Директорот на Клиничка болница – Штип, Ален Ѓеорѓијев вели дека Инфективното одделение се наполни за два дена, а таму веќе се ангажирани дополнително лекари специјалисти.

Во ковид-центарот заедно со тројцата инфектолози работат и анестезиолози, интернисти и кардиолози. Во денешниот здравствен билтен забележано е дека во изминатите 24 часа немаат починат пациент.

Ѓеорѓијев апелира граѓаните сериозно да ја сфатат состојбата и да ги почитуваат мерките, бидејќи вирусот брзо се шири, а пациентите на кои им е потребен болнички третман доаѓаат во исклучителна тешка состојба.