Кајмакоски: Да оставиме надлежните органи да си ја вршат својата работа

0
23

Пејачот Даниел Кајмакоски, кој трет ден е во болница, побара разбирање од медиумите и да не се објавуваат непроверени информации во врска со неговиот случај.

„На сите мои пријатели и фанови, сакам да им се заблагодарам за грижата и поддршката. Трет ден сум во болница. Би ги замолил медиумите за разбирање, како и да не објавуваат непроверени информации. Да оставиме надлежните органи да си ја вршат својата работа согласно законот за расчистување на случајот“, напиша Кајмакоски на социјалните мрежи.

Тој во петокот бил примен во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Пријавил дека бил на средба со поранешната сопруга која му дала кафе од кое му се слошило.

Неговата поранешна сопруга Кристина Димитријевска рече дека не сака да ги коментира обвинувањата од поранешниот сопруг.

Според пријавата во полиција, Кајмакоски кажал дека додека бил во парк во Тетово, заедно со неговата поранешна сопруга таа му дала кафе во кое што, според пријавеното, била ставена дрога.

Според информациите од МВР, Димитријевска била повикана во Полициска станица Тетово при што ги негирала тврдењата на Кајмакоски и изјавила дека имале средба за да го види своето дете, но воопшто не пиеле кафе.

Додека траела средбата, според нејзино кажување, на Кајмакоски му се слошило, а таа за настанот го известила и Центарот за социјални работи.