Кривична пријава за двајца вработени во Агенцијата за вработување за нелегално пријавување на 87 странци

0
18

Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје поднесе кривична пријава против две лица, Н.М.(48) од Скопје и В.З.(60) од Скопје, вработени во Агенција за вработување, соопшти Министерството за внатрешни работи. Пријавата е поради постоење сомнение за сторено кривично дело: „злоупотреба на службена положба и овластување“, според член 353 од Кривичниот законик.

„Пријавените, во периодот од 20 ноември 2020 до 22 јануари 2021, спротивно на член 13 и 4 од Законот за вработување и работа на странци, изготвиле и издале 14 образци за пријава на работа на странци на територијата на Република Северна Македонија на правно лице. Со тоа, всушност, легализирале нелегален престој и работа на вкупно 87 лица странски државјани, без дозвола за легален привремен престој, заради работа на странец, без да засноваат легален работен однос, според законската регулатива од Законот за работните односи“, соопштија од МВР.

Додаваат дека на тој начин, на правното лице му овозможиле избегнување на плаќање на давачки кон државата, по основ на персонален данок на доход и давачки за придонеси од задолжително социјално осигурување, во износ од 593.056 денари. за оваа сума правното лице прибавило противправна имотна корист, а истовремено, за истиот тој износ, пријавените направиле штета на буџетите на фондовите на РСМ.