Македонија во иднина ќе набавува вакцини од Институтот ТОРЛАК

0
28

Започна со донации на вакцини од Србија до Македонија – а, соработката продолжува со стратешко партнерство за набавка на дози и тоа од српскиот Институт за вирусолгија ТОРЛАК. Во моментов Македонија нема потреба за такво нешто, но во случај да затаи испораката на веќе договорените вакцини до Македонија, портите на Институтот се отворени за помош на македонскиот здравствен систем. Со тоа не би требало да има прекин на имунизацијата на населението во нашата земја.

Дел од македонските граѓани нетрпеливи да ги дочекаат вакцините да пристигнат во Македонија веќе самите во своја режија отидоа да се боцнат во соседството. Бројот достигнува речиси 15 илјади граѓани коишто дошле во Србија за имунизација, а српските здравствени власти објаснија како ќе се одвива ревакцинацијата кога ќе дојде време за втората доза.

Србија веќе имаше огромен број на испорачани дози и кај нив темпото на вакцинација ги смести помеѓу првите европски земји според мапата на вакцинирано население. Најавите од Србија се дека ваквата динамика ќе добие и нов тек со производството на српската Спутнии и тоа во Институтот ТОРЛАК во Белград.

Според српските здравствени власти бразилскиот сој на вирусот кој е нов и неконтролирано се шири во делови од светот се уште не е детектиран и во нивната земја, но се сомневаат дека тој веќе е присутен.

Во меѓувреме, додека македонските и српските здравствени власти договараат соработка, во Македонија полека пристигнуваат дел од нарачаните дози. Синоќа десет илјади дози Фајзер, за недела до две ќе пристигнат и уште толку, а кон крајот на месецот ги очекуваме 200 илјади дози од кинеската вакцина „Синофарм”.

ТЕЛМА ТЕЛЕВИЗИЈА