Македонски полжави се извезуваат и во услови на пандемија

0
54

Македонски полжави се извезуваат и во услови на пандемија, како лани, така и оваа година, иако количините на откупени полжави оваа пролет се помали споредено со претходните години.

Но, откупните цени се зголемени, за разлика од периоди пред коронавирусот. Оваа информација денеска за МИА ја потврди Васко Стевковски од Скопје, откупувач и извозник на ливадски полжави. Извозот е во Србија, Босна, Грција, кадешто се прават специјалитети од полжавите.

Тој информираше дека некогаш се откупувале и по околу илјада тони во државата за една сезона, од сите откупувачи, а сега околу 350 до 400 тони.

Инаку, во Тиквешко деновиве после дожд, можат да се сретнат лица од најразлична возраст кои собираат полжави, или пржајки, како што овде се нарекуваат. Ако продаваат на мало, цената е 30 денари за килограм. На големо, таа изнесува 40 денари. Може да се сретнат и цели семејства кои трагаат по полжави, дури и во градскиот парк во Кавадарци.

Во изјава за МИА, некои рекоа дека собираат полжави за дополнителен приход во домашниот буџет, а други, за да ги приготват и да уживаат во нивниот вкус.

Наместо да ја проколнуваат сиромаштијата, голем број тиквешани по дождот ги сретнавме како собираат полжави. Пешачеле како што ни кажаа и по неколку километри, за да ги наполнат вреќите и кофите. Мажи, жени и деца беа растрчани наоколу. Вреќата на рамото на едно момче изгледаше како да е потешка од него.

-По секој дожд, задолжително излегувам по пржајки. Има, како нема, само треба да ги бараш. Со парите од продажбата крпиме по некоја дупка, што се вели. Се мачиме, ама без мака ништо не бидува. Со кукање не се полни стомакот. Од лежење нема аир. Мора некако да се снаоѓаме, рече еден од оние кои редовно собираат полжави после дожд.

Има и такви полжавари што ги собираат за да ја збогатат семејната трпеза. Велат дека откриле дека месото од полжавите е вкусно и здраво, па ги собираат за да ги јадат. Ако соберат повеќе, ги чистат, ги замрзнуваат во фрижидер за подоцна на неколку пати да се гостат со нив. Ги приготвувале со ориз или ги консумирале варени па пржени или печени. Но, велат дека највкусно е кога од нив ќе се направат ќофтиња.

-Нема повкусно нешто од ќофтиња од мелено месо од полжави. Тоа ни е специјалитет на куќата и нема гостин што ни дошол, а да не бендисал, се пофали тиквешанец.

Искусните полжавари точно знаат каде се бавните животинки кои може да им донесат некој денар плус во домашниот буџет.

-Собирачите на полжави се пример кој ја потврдува старата мудрост дека природата никогаш не ги остава гладни трудољубивите, можете да слушнете во Тиквешко. /МИА